Рашковски: Мојот патент не може да се вклопи во софтверското решение
Во Кривичниот суд ново рочиште за случајот „Софтвери“, на кое првообвинетиот Драги Рашковски, поранешен владин генерален секретар, даде исказ. Се гони за нелегална набавка на софтверот за сообраќајни прекршоци. Во изјавата за медиумите не кажа ниту збор за начинот на кој државата го купила од фирмата „Инвока груп“, туку повеќе зборуваше за придобивките од имплементација на софтверот…

Мојот патент не може да се вклопи во софтверското решение, тој нема да функционира, изјави екс-генералниот секретар на владата, Драги Рашковски на рочиштето за „Софтвери“. Спецификата на неговиот патент е дека камерите, односно уредите кои треба да ја детектираат просечната брзина ќе бидат во движење и може да се стават на полициско возило или автобус, додека кај софтверот набавен од Владата треба да има фиксно зададена рута.
Софтверот е имплементиран и може да се користи, постојат логови во серверот во Владата со временски печат на секоја слика. Ниту една од трите пријавени фирми не се пожалила во трите постапки за јавни набавки. Дури ни кога била избрана фирма, нагласи Рашковски.
Со ова решение државата не само што ќе заштедела огромни пари, туку и можело да се најде меѓу трите топ земји во светот кои обезбедиле систем за да ја намали стапката на смртност во сообраќајот, додаде Рашковски.
Тој ги отфрли наводите дека другите обвинети му давале дел од парите кои ги добивале.
Рашковски се товари за делата „злоупотреба на службената положба и овластувања“ и „перење пари“. Со него се обвинети уште шест лица поврзани со фирмата „Инвока“ од која бил купен софтверот за сообраќајни прекршоци, но и лица кои биле соработници, а некои од нив и хонорарци во Владата: Ивица Димитровски, Игор Христов, Даниел Станчев, Ирена Ивановска, Игор Ивановски и Маја Силјановска.
Фиљана Кока
