Жестоки битки во Бахмут
Битките во Бахмуд продолжуваат. Руските и украинските сили тврдат дека бележат успеси. Зеленски побара нови санкции против Русија. Москва уште еднаш потврди дека за мирно решение на војната, Киев мора да ја признае руската анексија на четири украински региони: Во меѓувреме, договорот за извоз на жито преку украинските пристаништа на Црно Море е продолжен за 60 дена...

Жестоки битки и натаму се водат во Бахмут. И руските и украинските сили тврдат дека бележат успеси во најдолгата и најкрвавата битка од почетокот на руската инвазија. Проектил погоди станбен комплекс во источниот град Краматорск, има загинати и повредени.
„Ние сме на помалку од еден километар од линијата на фронтот. Нашата работа е да ги лоцираме оклопните единици на непријателот, непријателски групи кои се испраќаат во нашиот сектор“, вели Владислав, од 95. воздушна бригада на оружените сили на Украина.
Украинскиот претседател побара забрзување на деминирањето и нови санкции против Русија. Зеленски и се заблагодари на Канада за санкциите на увозот на руски алуминиум и челик.
„Ситуацијата на исток е многу тешка и болна. Треба да ја уништиме воената моќ на непријателот, и ќе го направиме тоа. Се бориме за нашата иднина, иднината на сите Украинци“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Москва уште еднаш потврди дека за мирно решение на војната, Киев мора да ја земе предвид новата реалност и да ја признае руската анексија на четири украински региони: Доњецк, Луганск, Керсон и Запорожје. Хибридната војна покрената против Русија има цел да ја обвини Москва за сите смртни гревови, вели шефот на руската дипломатија.
„За гладот во многу сиромашни земји, се обвинува Руската Федерација. Русија е обвинета за неволите што ги доживува европското општество, со трипати поголема цена на електричната енергија, вклучително и гасот“, изјави рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
Во меѓувреме, договорот за извоз на жито преку украинските пристаништа на Црно Море е продолжен за 60 дена. „Црноморска иницијатива“ содржеше и ветување на ОН за олеснување на рускиот извоз на жито и пред сè вештачки ѓубрива, што западните санкции го отежнуваат.
„Вториот дел од договорот што се однесува на нас сè уште не е спроведен. Ги цениме напорите преземени од ОН и лично од генералниот секретар, но за жал, г. Гутереш не успеа да го урне западниот ѕид“, рече Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
По медиумските извештаи дека Меѓународниот кривичен суд ќе ги издаде првите налози за апсење на руски државјани поврзани со конфликтот во Украина, од Кремљ одговорија – „Не ја признаваме надлежноста на судот во Хаг“.
Маријана Димовска
