САД и Русија со меѓусебни обвинувања за инцидентот над Црно Море
Вашингтон и Москва со меѓусебни обвинувања за инцидентот над Црно Море. Судирот меѓу американско летало и руски воени авиони дополнително ги истакна зголемените американско-руски тензии поради војната во Украина…

Вашингтон и Москва со меѓусебни обвинувања по судирот меѓу американскиот дрон МК-9 рипер и рускиот борбен авион СУ-27 над Црно Море. Инцидентот ги истакна зголемените американско-руски тензии поради војната во Украина.
„Има некои проблеми во врска со меѓународните води. На пример, Крим е дел од Руската Федерација, но САД не го признаваат овој статус. И секако, тоа е контрадикторност. Но, дали тоа значи дека е неопходно да се испровоцира руската морнарица или руските воздухопловни сили за ова прашање? Мора да бидеме многу внимателни во однос на нашите постапки, земајќи го предвид она што се случува во источниот дел на Европа“, изјави Анатолиј Антонов, амбасадор на Русија во САД.
Од Москва соопштија дека американското беспилотно летало нагло маневрирало и паднало во вода по средбата со руски воени авиони. Посочуваат дека немале контакт со дронот и не користеле оружје. Од Пентагон потврдија дека леталото е соборено во меѓународните води.
„Овие летала се над регионот на Црното Море веќе некое време. Тоа е важен меѓународен воден пат и затоа не е невообичаена мисија за нас да летаме во меѓународниот воздушен простор“, рече бригадниот генерал Пет Рајдер, портпарол на Пентагон.
Американските власти велат дека пред судирот руските авиони исфрлале гориво и летале пред американскиот дрон, што, како што се наведува, е непрофесионално и небезбедно за околината.
„Не е невообичаено да има пресретнување од руски авиони на американски над Црно Море. Имаше во последните недели и други пресретнувања“, вели Џон Кирби-Портпарол на Советот за национална безбедност.
МК-9 Рипер е големо беспилотно летало дизајнирано за долгорочно извидување на голема височина.
Маријана Димовска
