Тони Китановски и Димитри од Чаир со нов проект настапуваат вечерва во Бруталиск
Насловен како „Ентропија“ материјалот се состои од инструментално солирање со светски препознатливата гитара на Китановски врз семплови од познати музички стандарди на тапани подготвени од славниот Чаирчанец Димитар, а настапот започнува во 21 часот.
Македонските џез и хип-хоп легенди Тони Китановски и Димитри од Чаир вечерва во Бруталиск ќе го претстават својот нов проект на бесплатен целовечерен настап пред скопската публика. Насловен како „Ентропија“ материјалот се состои од инструментално солирање со светски препознатливата гитара на Китановски врз семплови од познати музички стандарди на тапани подготвени од славниот Чаирчанец Димитар, а настапот започнува во 21 часот.
Китановски и Димитри имаат долгогодишна креативна соработка, иако зад себе имаат долга листа на албуми, концертни настапи и соработки со други музичари. Димитри, покрај како вокал и текстописец на Чиста Околина и САФ, во својата биографија брои и соло ангажмани под името „Пики Сипи“, како и ДЏ настапи под псевдонимот „Димитри од Чаир“.
Китановски е исклучително плоден џез „композитор кој свири гитара“ кој својата кариера ја започнува свирејќи за оркестарот на Драган Ѓаконовски – Шпато, а по дипломирањето на Беркли, во Скопје издава неколку свои албуми, но и создава неколку проекти со познати регионални и светски ѕвезди.
