Македонија

Струга не ги спроведува препораките на УНЕСКО, апелираат активистите

15.03.2023 10:01

Невладините сè погласни за непочитувањето на препораките на Унеско. Велат продолжува претераната урбанизација и узурпација на атрактивните локации во Струга, а не е изработен ниту Регистар на дивоградби. Невладините најавија дека од Унеско ќе бараат одземање на ингеренциите на општините за носење на планови за висококатници...

Урбанизацијата, дивоградбите и загадувањето се најголемата закана Охридскиот регион од заштитено подрачје под УНЕСКО, да се најде на листата на светско наследство во опасност. Активистите сè погласни, општина Струга не презема никакви активности. Не е изработен регистар на дивоградби, кои според неофицијалните процени ја надмина бројката од 1.000.

Продолжува претераната урбанизација, но и узурпација на атрактивните локации на крајбрежјето.

„Во Струга имаме многу стручни и критични проблеми во однос на сите препораки. Тоа што јас би го потенцирал е хаотичната состојба на целиот систем и на општините и на Владата“, вели Ндерим Положани од невладината „Капс“ Струга.

Потребна е итна ревитализација на блатата и поголема заштита на трската. Невладините апелираат, на поголема соработка од страна на општинските власти за заштита на природата.

„Потребна е добра волја од страна на надлежните за да ја сочуваме и природата и Охридското Езеро но и да се воведе ред во урбанизацијата. Мора да се среди, мора и крајбрежјето да има план за по тој план да се развива регионот, бидејќи ние во овој регион туризмот го имаме како најголем придонес во економијата“, додава Положани.

Невладините, кои заеднички настапуваат, најавија дека од УНЕСКО ќе бараат одземање на ингеренциите на општините за носење на планови за висококатници. Од општина Струга, пак велат во заштитената зона нема дивоградби.

Соња Рилковска