Изложба на Душан Ристовски, уметник со мобилен телефон
Пионерот на овој фотографски стил, во галеријата на Кинотека ќе изложи 30 дела и ќе ја претстави лимитираната едиција од 20 дигитални принтови на капафокс со рамка...

На 17-ти март, со почеток во 20 часот, во галеријата на Кинотека ќе биде отворена изложбата „Mobile phone art“ на Душан Ристовски.
Пионерот на овој фотографски стил, во галеријата на Кинотека ќе изложи 30 дела и ќе ја претстави лимитираната едиција од 20 дигитални принтови на капафокс со рамка.
Со mobile phone art започнал пред шест години, чепкајќи по програми за преработка на фотографии на мобилен. Од програми користи Рhotogrid, Тoolwiz Photos Рro, Мirror Lab Рro.
„Идејата за MobilePhoneArt си доаѓаше сама, па кога Галерија Гауди од Мадрид ме поканија да изложуваат мои дела, имав потреба делата да бидат отпечатени, врамени-дигитален принт. Сега сè правам на мобилен, до подготовка за печат, тоест од мобилен го праќам делото во печатница“, вели Ристовски.
На неговите фотографии преовладуваат урбани пејзажи, апстрактни геометриски форми, игра на живи бои, архитектура.
„Се работи за чиста експресија, која се обидувам да ја пренесам во секое дело. Принципот ми е – секојдневно работам по 3-4 часа, „си играм на мобилен“. Некои дела се еден клик-една фотографија. Некои се „траги од светло“, други се тотална деконструкција, во обид да прикажам чувство, трети апстракции“, вели Ристовски.
Досега изложувал во Виена, Базел, Мадрид, на Арт фестивалот во Стокхолм, во Марбеља, Доха, каде одржал и мастер-клас, меѓу останатите.
Делата на Ристовски, како NFTs, се достапни на повеќе маркети како foundation.app, opensea.io, rarible.com, како и маркетите од Дубаи и Абу Даби, Oasisx.world, upyo.com и Niftysouq.
Изложбата ќе биде отворена до 2-ри април годинава.
