Презентација на проектот „Биди ин, биди инклузивен, биди инклудиран“
Околу 470 ученици со попреченост од основните училишта добиваат месечни стипендии преку проектот „Биди ин, биди инклузивен, биди инклудиран“ . Дел од нив имаат и туторска поддршка, а обучени се повеќе од 400 наставници. Целта на проектот е еднаков пристап на децата со попреченост до редовните училишта...

Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ ја започна третата кампања на проектот „Биди ин, биди инклузивен, биди инклудиран“, како дел од активностите за подигање на јавната свест за пошироко информирање за потребите коишто се поставуваат пред училиштата и семејствата во однос на инклузијата на децата со попреченост, како и за подигање на свесноста на општините за нивната одговорност за подобрување на квалитетот на образование за сите деца.
Околу 470 ученици со попреченост од основните училишта добиваат месечни стипендии преку проектот „Биди ин, биди инклузивен, биди инклудиран“ . Дел од нив имаат и туторска поддршка, а обучени се повеќе од 400 наставници. Целта на проектот е еднаков пристап на децата со попреченост до редовните училишта.
Раководителот на проектот, Елена Мишиќ рече дека главна цел на проектот е обезбедување на месечни стипендии за деца со попреченост во почетните одделенија и информираше дека ова е третата година на спроведување, односно на доделување на стипендии.
„Покрај тоа, проектот се обидува да ги подобри условите за образование на децата со попреченост и во нивните домови преку обезбедување на туторска поддршка за совладување на материјалот, но и поддршка на училиштата каде што се образуваат овие деца“, изјави Мишиќ.
Проектот е финансиран од Европската Унија, како тригодишна програма којшто има за цел да ги поддржи иницијативите за градење на инклузивно образование. Проектот се спроведува во соработка со Министерството за образование и наука, а во партнерство со невладините организации „Инклузива“ од Куманово и „Хандимак“ од Тетово.
