Невреме, поплави и снежни бури на неколку страни од светот
Калифорнија повторно се соочува со т.н. Атмосферска река. Североистокот на САД се справува со снег и поларни температури. Јужната хемисфера на планетата е погодена од циклонот Фреди кој усмрти стотици лица во јужниот дел на африканскиот континент...

По разурнувачките земјотреси, следуваа поројни дождови во југоисточна Турција. Поплавени се шаторите на луѓето кои останаа без покрив над главата. Во тек е евакуација на населението. Спасувачките екипи повторно на терен. Критично е во градот Санлиурфа. Училиштата се затворени, а пациентите од болниците се префрлуваат во други објекти.
Поплави и во Калифорнија која е повторно на удар на т.н. „атмосферска река“, единаесетта по ред во оваа зимска сезона. Десетици илјади лица се евакуирани, прекинато е снабдувањето со електрична енергија.
„Можам да ги поднесам снегот и дождот, но овој пат е премногу. Нема место каде да го тргнеме снегот, многумина се отсечени“.
„Онде има цела населба, десетици домови и семејства, ова им е главниот пат да стигнат до дома. Постои и пат за вонредни ситуации, приватен пат зад ридов, но со една лента е“.
Невреме и на североисточниот американски брег. Урнати дрвја и далноводи, дебела снежна покривка. Прогласена е вонредна состојба во повеќе области. Наставата во училиштата е прекината.
„Страшно е, струја снема изутринава, сега се греам на камин“.
Смртоносно невреме и на африканскиот континент. Вонредна состојба е прогласена и во Малави. Циклонот Фреди досега усмрти над 200 лица во јужниот дел на Африка.
„Баравме засолниште во училиштево, но нема обезбедување. Во истите алишта сме со денови. Нема доволно храна. Немаме ни чиста вода за миење“.
„Луѓето бараат хеликоптери, но мора да знаат дека и за нив е потребна специфична опрема. Во некои области не можат да стигнат ни хеликоптери. Но се обидовме да пратиме бродови. Пет се веќе пратени. И војската е таму“, изјави Ричард Банда, министер за локална самоуправа на Малави.
„Поради ударот на циклонот, учениците остануваат дома уште два дена. Патиштата и мостовите се уништени, а некои училишта се користат како засолништа“, изјави Мадалицо Вирима, министер за образование на Малави.
Жртви има и во Мозамбик. Телекомуникациските врски се прекинати со што се отежнуваат спасувачките операции. Африканскиот континент се соочува со циклонот Фреди по втор пат годинава. Невремето се формираше кај Австралија на почетокот на февруари и мина преку јужниот Индиски Океан, со што стана најдолготрајниот тропски циклон во историјата.
Маја С. Филдишев
