Политика

Од ДУИ сè погласни изјавите за премиер- Албанец

15.03.2023 12:46

Од ДУИ сè погласни изјавите дека за неколку месеци Македонија ќе има премиер-Албанец. По Османи, во интервју за косовска телевизија и Артан Груби го потврди тоа дека во последните 100 дена од владата, премиер да биде личност од албанска националност. Груби вели дека договорот сè уште важи и дека ова е ветено и од актуелниот премиер Ковачевски…

Од ДУИ сè почести и погласни изјавите дека за неколку месеци Македонија ќе има премиер-Албанец. Освен Османи, во интервју за косовска телевизија и Артан Груби го потврди тоа дека во последните 100 дена од Владата, премиер да биде личност од албанска националност. Груби се повика на коалицискиот договор од 2020 година со СДСМ, потпишан од Заев и Ахмети. Според првиот вицепремиер, договорот сè уште важи и дека ова е ветено и од актуелниот премиер Димитар Ковачевски. Груби рече дека нема премиерска амбиција и дека Али Ахмети ќе го предложи албанскиот премиер.

„Ковачевски на првата средба пред да биде избран, на која беше и Зоран Заев и други, вети дека ќе важи истиот договор што беше постигнат со Ахмети и се ракувавме. Тој рече дека во последните 100 дена, кој и да е, ќе ја напушти функцијата, а Албанец или Албанка ќе биде премиер“, изјави Артан Груби, прв вицепремиер во Владата.

ДУИ му ги брои месеците на Ковачевски кој сите го гледаат како привремен, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Премиерот за кој зборуваат Османи и Груби е продолжение на „дуизацијата“ на институциите што се оценети како корумпирани.

„Ова е потврда и дека Ковачевски ја доби фотелјата на подарок, а сега ја чува за Артан Груби. Дали Груби ќе биде премиер не знаеме, но знаеме дека Груби ги исполнува двата услови за наследник на Ковачевски. Првиот е да е еклатантно неспособен, а вториот – да е доволно криминален, за да биде достоен наследник на Ковачевски“, изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Изјавата на Османи првично беше протолкувана дека и интегративците се за предвремени избори, но со изјавата на Груби дека Албанец ќе биде премиер во последните 100 дена од мандатот на оваа Влада, во политичката јавност се демантираат претпоставките за одржување предвремени избори.

Милчо Велески