Македонија

Петровска и Рамадани ја засилуваат соработката помеѓу Министерството за одбрана и Евроатлантскиот совет

15.03.2023 12:51

Меморандумот за соработка опфаќа поголем сет на заеднички активности меѓу кои и меѓусебна поддршка во активностите за справување со хибридни закани, особено борбата со дезинформациите кои имаат потенцијал да ги поткопаат демократските вредности и слободи...

Денеска во Министерството за одбрана, министерката Славјанка Петровска и претседателот на Евроатлантскиот совет на Северна Македонија, Исмет Рамадани го потпишаа Меморандумот за соработка кој предвидува голем број на заеднички активности со една основна цел – развој на демократијата и зацврстување на евроатлантските вредности во македонското општество.

Министерката Петровска на состанокот порача дека невладиниот сектор има значајна улога во развојот на општеството и порача дека како и досега, Министерството за одбрана останува посветен партнер во реализацијата на активностите на оваа организација.

Претседателот на Евроатлантскиот совет, Рамадани се заблагодари за континуираната поддршка од министерката Петровска и Министерството и порача дека заедно и здружени можеме да ги внесеме евроатлантските вредности кај младата популација, која покажува силен интерес за сето она што претставува Алијансата и за нејзината улога во заштитата на безбедноста и стабилноста на територијата на НАТО.

Меморандумот за соработка опфаќа поголем сет на заеднички активности меѓу кои и меѓусебна поддршка во активностите за справување со хибридни закани, особено борбата со дезинформациите кои имаат потенцијал да ги поткопаат демократските вредности и слободи.