САД-Украина

Нова драма на небото, пресретнат руски авион во близина на Естонија

15.03.2023 12:54

Пресретнат руски авион во близина на воздушниот простор на Естонија. Инцидентот следува во време на обвинувања меѓу Вашингтон и Москва за падот на американски дрон по средба со руски борбени авиони над Црно Море...

Нова драма на небото. Два воени ловци „Тајфун“ на германските и на британските воздухопловни сили, во рамките на заедничката патролна контрола, пресретнаа руски авион во близина до воздушниот простор на Естонија. Инцидентот следува во време на обвинувања меѓу Вашингтон и Москва за падот на американски дрон по средбата со руски борбени авиони над Црно Море.

САД сметаат дека Русија го крши меѓународното, додека Кремљ обвинува за провокација во близина до полуостровот Крим, којшто Москва го анектираше во 2014 година.

„Има некои проблеми со меѓународните води. На пример, Крим е дел од Руската Федерација, но САД не го признаваат овој статус. Мора да бидеме многу внимателни во однос на нашите постапки, земајќи го предвид ова што се случува во источниот дел на Европа“, изјави Анатолиј Антонов – амбасадор на Русија во САД.

И покрај инцидентот, од Вашингтон велат дека нема да ја менуваат намерата за продолжување на извидувањето на меѓународниот воздушен простор над Црно Море.

„Ние ќе продолжиме да летаме и да оперираме во меѓународниот воздушен простор над меѓународните води. Ќе продолжиме да го правиме она што е важно за нашите национални безбедносни интереси во тој дел од светот“, рече Џон Кирби-портпарол на Советот за национална безбедност на САД.

Инцидентот предизвика нов интензитет во американско-руските релации поради војната во Украина. Властите во Киев, помогнати од Западот, не се откажуваат од одбраната на Бахмут. Засиленото руско гранатирање беше насочено кон градот во регионот на Доњецк и околните села. Во Рејкјавик, на самитот на најстарата европска институција, главна тема ќе биде војната што трае повеќе од една година.

„Се подготвуваме за самитот на шефовите на државите и владите на Советот на Европа што ќе се одржи во главниот град на Исланд и може да биде од големо значење за да се бара одговорност од Русија за агресија“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Киев објави и информација за руски напади врз Одеса и Краматорск. Сирените за воздушен напад се огласија и во Харков.

 

 

 

Маријана Димовска