Обвинетиот за сообраќајката во која смртно настрада 11-годишно дете го призна делото, пресуда в петок
Обвинетиот за сообраќајката во која смртно настрада 11-годишно дете во Велес, во моментот кога се случила бил во алкохолизирана состојба, возел повеќе од дозволеното, сообраќајката ја сторил на пешачки премин. Обвинетиот призна вина, пресудата ќе се соопшти во петок во 12 часот, во основен суд Велес…

Обвинителката со снимка од шкрипење на гумите од автомобилот, управуван од 29-годишниот Ангелче Николов, учесник во сообраќајката во кој смртно настрада 11-годишната Магдалена Иванова го започна воведниот говор. Обвинетиот се товари за две кривични дела „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и за кривично дело „Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“, кои ги сторил со умисла.
Обвинетиот Николов, кој сообраќајката ја предизвика на 17-ти декември лани, управувајќи автомобил „Мерцедес“ по улицата „Борис Трајковски“, бил во алкохолизирана состојба, возел со брзина од околу 68 километри на час, што е повеќе од двојно над дозволената.
Обвинетиот Николов ги призна двете дела за кои му се суди, но без грам каење, за што реагираше, адвокатот Јанаки Митровски, застапникот на отштетните, родителите на Магдалена. Тој посочи дека мајката на Магдалена, Емилија, при сообраќајката имала две фрактури, што се тешки телесни повреди, како што запишал дежурниот доктор од велешката болница. Адвокатот на обвинетиот смета дека со признанието на вина, може да добие пониска казна.
Судијката Габриела Гајдова, која претседава со петчлениот судски совет, најави дека пресудата ќе биде објавена в петок во 12 часот.
Петар Печков
