Македонија

Да се ограничат содржините за малолетниците на социјалните мрежи, апелираат психолозите

15.03.2023 14:27

По немилите настани, кои за жал некои завршија и трагично, училишните психолози сè погласно даваат поддршка на предлог иницијативата за ограничување на дел од игрите и содржините што ги користат малолетниците на социјалните мрежи. Велат ова е опасен и комплексен проблем и бара ангажирање на надлежните органи, родителите, а пред сè зголемување на едукацијата преку образовниот процес…

Треба да работиме кон тоа современата технологија и социјалните мрежи да бидат алатка во рацете на малолетниците, а не тие да стануваат жртви на истите поради неправилното користење, велат училишните психолози, во насока на поддршка на предлог иницијативата дел од игрите и содржините да бидат ограничени за оваа популација. Зависноста од нив доведува до замена на реалниот со виртуелен свет. Губење на реалната слика го отвора патот на опасностите.

Дел од тинејџерите не кријат дека овие игри се присутни меѓу нив, но оние поедуцираните и посовесни, велат, последниве настани сериозно опоменуваат.

За психологот Жанета Ристевска, ова е еден комплексен проблем, во чие решавање мора синхронизирано да делуваат надлежните институции, родителите и образовниот процес, со посеопфатна програма од помала возраст. Кај тинејџерите, мора да преовладуваат универзалните вредности.

Без темелен пристап нема успех, вели Ристевска затоа што некои настани со „Тик Ток“ видеата беа откриени, но претпоставува дека има и некои кои сè уште како опасност демнат.

Стевче Митревски