Македонија

Ковачевски во посета на Македонски Телеком

15.03.2023 15:41

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, беше во посета на компанијата Македонски Телеком, каде се сретна со главниот извршен директор на компанијата, Никола Љушев и со членот на Одборот на директори на Дојче Телеком за Европа, Доминик Лерој...

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, беше во посета на компанијата Македонски Телеком, каде се сретна со главниот извршен директор на компанијата, Никола Љушев и со членот на Одборот на директори на Дојче Телеком за Европа, Доминик Лерој. На средбата присуствуваа и Филип Николоски, заменик-министер за финансии и Зоран Китанов, претседател на Одборот на директори на Македонски Телеком.

Се разговараше за постигнатите успеси на компанијата, како и за инвестициските планови за идниот период.

„Македонски Телеком е наш препознатлив бренд, кој се позиционираше како компанија која е двигател на дигитализацијата во општеството, препознатлив и во примена на нови технологии. Македонски Телеком е подружница на Дојче Телеком, една од најголемите германски компании. Германија е земја којашто е голем пријател и голем поддржувач на нашата држава од првиот ден на осамостојувањето. Таа соработка, како на државите, така и на компаниите во оваа држава се гледа низ сè поголемото ниво на инвестиции и сè поголемиот напредок на нашата држава во која, секако, голема улога има компанија како Македонски Телеком. Минатата година за Македонски Телеком беше година на големи инвестиции, со коишто овозможи проширување на оптичката мрежа во државата, меѓутоа и воведување на 5Г технологија“, рече премиерот Ковачевски, во своето обраќање за време на посетата на Македонски Телеком и додаде:

„Заложбата секогаш да се размислува три чекори однапред, доброто менаџирање на процесите со цел побрза и поефикасна услуга за граѓаните, но и напорната и посветена работа, се принцип на работа, кој, во мојата кариера, ги применував и тука, во овие канцеларии, и денес како претседател на Владата“, истакна премиерот Ковачевски, честитајќи на менаџментот за успешното работење на компанијата и напредокот на полето на телекомуникациите. Тој се заблагодари на гостопримството и поканата на менаџментот на Македонски Телеком, нагласувајќи дека посетата на Телеком му буди позитивни емоции.

„Самото присуство овде ми буди навистина позитивни емоции и позитивни мемории бидејќи најголемиот дел од мојата кариера го поминав токму во оваа компанија, која ги направи најголемите и најсмелите чекори во дигитализацијата на државата, воведувањето на мобилната телефонија, воведувањето на дигиталната телевизија, а сега продолжуваат новите генерации односно менаџери и вработени со воведување на нова технологија. Воведување на многу содржини на мрежата на МК Телеком и секако унапредување на мобилната мрежа на повисоко и поврвно ниво“, рече премиерот Ковачевски, разменувајќи впечатоци и со вработените во компанијата, со кои, исто така, се сретна за време на посетата.

Премиерот потенцираше дека е горд на фактот што Македонски Телеком сè уште успешно работи и оцени дека е одлична веста, што компанијата, лани, постигнала пет проценти пораст во приходите од продажбата, со проекции за нови инвестициски планови во идниот период.

Премиерот се сретна и разговараше и со претставниците на Дојче Телеком. Членот на Одборот на директори на Дојче Телеком за Европа, Доминик Лерој, на почетокот се заблагодари на премиерот за посетата.