собрание

Законски измени за поедноставна набавка и побрза достава на лекови пред народните избраници

16.03.2023 09:58

Законски измени за поедноставна набавка и побрза достава на лекови пред народните избраници, пациентите со цистична фиброза, очекуваат што побрзо да го минат филтерот за да може сите болни да го добијат лекот „Трикафта“...

Во Собранието денеска ќе се гласа за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување, по скратена постапка, чиј предлагач е Владата.

Со Законот е уредено прашањето за формирање на комисија за давање на предлози за ставање на лекови на Листата на лекови што паѓаат на товар на фондот, како и методологијата согласно која се врши процена и рангирање на лековите што се ставаат на Листата на лекови. Пациентите со цистична фиброза, очекуваат што побрзо да го минат филтерот за да може сите болни да го добијат лекот „Трикафта“.

Народните избраници денеска треба да дадат зелено светло за законските измени со кои ќе се овозможи набавка на лекот „Трикафта“, за него чекаат 120 луѓе. Измените се однесуваат на делот за увоз на лек кој има само еден производител и кој го има патентирано лекот и истите во иднина ќе важат и за други вакви лекови.

Целта е да се овозможи набавка на лекот за болните од цистична фиброза директно од производителот. Со гласањето на измените ќе се овозможи побрз и поевтин пристап до вакви лекови. Државата изминатиот период преку интервентен увоз го обезбеди лекот за 8 најкритични пациенти, но, листата е голема, дури 120 лица заболени од цистична фиброза ги чекаат измените за да можат да дојдат до него. Осумте пациенти кај кои е утврдено дека состојбата е критична веќе една недела ја примаат таблетарната терапија, а од Клиниката за детски болести информираа дека по само неколку дена од примањето на лекот здравствената состојба на пациентите значително се подобрила.

Со предложените измени и дополнувања на Законот за здравственото осигурување се предлага дополнување на Законот со одредби со кои се допрецизира комисијата на лекови со цел да се создадат можности за непречено работење на комисијата. На овој начин ќе се обезбеди поефикасно и поекономично работење. Исто така се проширува надлежноста на Фондот за давање на мислења за влијанието на буџетот на Фондот.