Македонија

Влада Урошевиќ добитник на наградата „Роман на годината“

16.03.2023 10:26

Македонскиот писател Влада Урошевиќ, за романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, ја доби годинашната награда „Роман на годината“...

Македонскиот писател Влада Урошевиќ, за романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, ја доби годинашната награда „Роман на годината“.

Ова е седмиот и најобемен роман на Урошевиќ и според неговите зборови е старовремски роман, таков како што сакал да напише.

„Секогаш кога ќе напишам нов роман долго размислувам каков наслов да му ставам. Знаете, насловот се пишува на крајот. Откако го составив овој долг наслов, во една миговна инспирација допишав поднаслов – Старовремски роман. Овој поднаслов може да се сфати на повеќе начини. Можете да го сфатите како иронија или како предизвик фрлен кон критиката и кон читателската публика. Сите сакаат да напишат современ роман, модерен, а еве некој сака да напише старовремски роман. Се надевам дека со тоа не сум ја нарушил суштината на романот и уште повеќе, се надевам дека не сум одбил читателите да го земат в рака“, вели академик Урошевиќ.

Во најтесен избор за наградата, годинава влегоа авторите Венко Андоновски со делото „ Папокот на светлината“, Живко Грозданоски со „ Писмо за Глорија“ и Томислав Османли со „ Столб што пее“.