Кривичен суд

Расправии на судењето за случајот „Ласкарци“

16.03.2023 13:32

На судењето за сообраќајната несреќа кај Ласкарци, семејствата на загинатите се скараа со адвокатите на обвинетите. Одбраната тврди – добиле закани и побараа судот да интервенира. Откако судијката ги опомена рочиштето продолжи со распит на вештакот Зекирија Зеќири…

Високи тонови, дофрлување од место, расправии. На судењето за сообраќајната несреќа кај Ласкарци, семејствата на загинатите се скараа со адвокатите на обвинетите. Тврдат дека секогаш кога вештаците не даваат конкретни одговори, бранителите креираат тензии за да го прекинат судењето.

Адвокатите реагираат дека константно се мета на навреди од стана на дел од оштетените, а некои од нив биле и физички нападнати за што била известена полицијата.

По неколку отсуства, во судница се појави вештакот Зекирија Зеќири кој рече дека сега се чувствува добро, но имал нарушено здравје. Потврди дека супервештачењето го изработил тимски со колегите од Бирото за судски вештачења.

Обвинети во процесот се шест лица: сопственикот на „Дурмо Турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, возачот на автобусот како и тројца вработени во станицата за технички преглед.

Анита Димитријевска Велковска