Жртви и уништени домови во поплавите што го зафатија светот
Турција и Сирија зафатени од изобилни дождови и поплави. Има загинати и повредени. Професионални нуркачи ангажирани во спасувачките напори. Погодени се населби во кои се сместени преживеаните од катастрофалните земјотреси. Поплави и во САД и во Јужна Америка …

Загинати и исчезнати во поплавата што ги зафати улиците на два града во југоисточна Турција, веќе уништени од земјотресите минатиот месец. Турската агенција за управување со катастрофи соопшти дека во спасувачки напори вклучила и професионални нуркачи. Неколку луѓе се евакуирани од шаторски камп во кој беа сместени по разурнувачкиот земјотрес.
„Ова е плоштадот Вахап Ќучук. За жал, поплавен е и градот со шатори“, вели локален жител.
Училиштата се затворени, а пациентите од болниците се префрлени во други објекти. Поројните дождови ги зголемија маките на илјадници луѓе кои останаа без покрив над глава. Невреме и поплави и во североисточна Сирија. Жителите велат дека се оставени сами на себе во справување со маките од поплавите.
Под вода се улиците на 26 области на Лима, по невообичаено изобилните дождови. Властите известија дека поради поплавите и одроните, водата за пиење во најнаселената област во земјата е небезбедна. Дождовите од јануари зедоа 50 жртви и зафатија над 20 илјади домови. Врнежите продолжија и на северниот брег на Тихи Океан.
„Ве молам, да ни помогнете. Се чувствувам лошо. Јас сум 77-годишен човек“, рече Марина Аријас, жителка на Лима.
Поплави и во Калифорнија која е повторно на удар од т.н. „атмосферска река“. Речиси 170 илјади луѓе останаа без струја. Затворени се патишта, училиштата не работат. Невреме и на североисточниот американски брег.
„Ова беше 11 „атмосферска река“ годинава. Работевме со Армијата и со социо-економската рамка. Имаме 31 засолниште во 14 окрузи во државата. Мораме да го промениме начинот на кој Федералната Влада ги оценува овие проекти за да им даде приоритет“, изјави Гевин Њусом, гувернер на Калифорнија.
Смртоносно невреме и на африканскиот континент. Вонредна состојба е прогласена и во Малави. Циклонот „Фреди“ досега усмрти над 200 лица во јужниот дел на Африка. Жртви има и во Мозамбик.
Маријана Димовска
