Политика

Мицкоски бара избори, за Ковачевски тоа прашање е затворено

16.03.2023 16:19

На предвремени избори до јуни, без техничка влада, повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски. Прашањето е затворено до редовните во 2024 година, рече Ковачевски, а техничкиот премиер ќе биде назначен 100 дена пред истекот на мандатот на актуелната власт...

Предвремени избори во мај или најдоцна во јуни, без техничка влада сто дена пред нивното одржување, е ставот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во врска со изјавите што изминативе денови дојдоа од партијата на Али Ахмети дека за неколку месеци Владата ќе го има првиот премиер Албанец. Вели дека „фрлаат ракавица“ и јавно се откажуваат од техничка влада сто дена пред избори и оти како партија се подготвени по итна постапка да гласаат за измена на Законот за Влада и Изборниот законик.

Според премиерот Ковачевски, прашањето за предвремените избори е затворено. Вели, изборите ќе бидат во редовниот термин во 2024 година. ВМРО-ДПМНЕ управува со 50 општини и треба да се посвети на работа во општините наместо постојано да зборува за предвремени избори – рече Ковачевски.

Деновиве се актуализира прашањето за премиер Албанец со кампањата на ДУИ, за која премиерот Ковачевски вели тоа е договорено по изборите во 2020 меѓу поранешниот премиер Заев и лидерот на ДУИ, Ахмети. Според него, 100 дена пред редовниот термин за избори на чело на Владата ќе биде премиер Албанец на предлог на ДУИ. Лидерот на опозицијата постојано повикува да се укине одредбата за пржинската Владата и да се оди на брзи предвремени избори за, како што вели Мицкоски, земјата да излезе од економската и социјалната криза.

 

 

 

Игор Панов