ОН: Прекршување на човекови права во Украина
Руските власти извршиле широк спектар на воени злосторства во Украина – стои во извештајот од истрагата на независната меѓународна истражна комисија поддржана од Обединетите нации. На фронтот и натаму најтешка е состојбата во Бахмут. Пентагон предупреди дека следните месеци ќе бидат одлучувачки за исходот на битката за источна Украина...

Руските напади врз цивили во Украина во окупираните региони, претставуваат воени злосторства, а можеби и злосторства против човештвото, се вели во извештајот од истрагата на Независната меѓународна истражна комисија поддржана од ОН.
„Комисијата заклучи дека руските власти извршиле широк спектар на воени злосторства. Комисијата, исто така, утврди дека нападите врз енергетската инфраструктура на Украина од страна на руските вооружени сили и употребата на тортура од руските власти може да претставуваат злосторства против човештвото. Не откривме дека имало геноцид во Украина. Комисијата препорачува дополнителни истраги“, изјави Ерик Мосе, претседател на Комисијата.
На фронтот и натаму најтешка е состојбата во Бахмут. Руските сили напаѓаат украински позиции во и околу градот. Гранатиран е и источниот град Харкив, погодена цивилна и енергетската инфраструктура. Украинскиот претседател објави дека на состанокот во формат „Рамштајн“ разговарано е за муниција, артилерија, тенкови и заштита на украинското небо. На состанокот на Советот на Европа во Исланд ќе се прецизираат натамошни мерки со европските партнери.
„Јас сум постојан контакт со нашата војска и команданти. Се што правиме, сè што прави државата е предмет на една задача – на секој наш војник да му дадеме повеќе можности за борба, на секој наш град да му дадеме поголема безбедност“, изјави украинскиот претседател, Володомир Зеленски.
Пентагон предупреди дека следните месеци ќе бидат одлучувачки за исходот на битката за источна Украина. По инцидентот над Црно Море, Армијата на САД објави видео на кое се гледа како рускиот борбен авион го собори американскиот дрон.
Рускиот претседател повтори дека руските компании ги окупираа местата што ги оставија западните компании по излегувањето од рускиот пазар, поради, како што Кремљ ја нарекува специјалната воена операција во Украина.
„Странските аналитичари ни предвидуваа депресија и пад на потрошувачкиот сектор, ветуваа празни полици. Сепак, животот одлучи поинаку. Западните земји целосно се соочија со истите проблеми“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Според Путин, има уште повеќе можности за развој и проширување и рускиот бизнис што треба да се искористат.
Маријана Димовска
