Во Украина се водат жестоки битки, крајот не е блиску
На истокот на Украина продолжуваат жестоките битки. Германскиот канцелар Шолц смета оти треба да бидат подготвени за продолжена војна...

Рускиот претседател Путин изјави дека неговата земја првпат се соочува со предизвиците со кои ниту една друга земја на светот се нема соочено во модерната историја. На истокот на Украина продолжуваат жестоките битки. Германскиот канцелар Шолц смета оти треба да бидат подготвени за продолжена војна. Полска е првата НАТО-членка што испраќа воена помош. Одлуката на Варшава за испраќање 4 борбени авиони МиГ-29 е суверена одлука која нема да го охрабри американскиот претседател Бајден да ги испрати своите борбени авиони Ф-16 во Украина-коментираат од Белата куќа. Продолжува истрагата за инцидентот над Црно Море. САД тврдат дека објавената снимка од Пентагон ги изнела руските лаги на виделина.
„Видеото апсолутно ја десеткува руската лага за тоа што се случило. Кога ќе го погледнете, очигледно е дека тој борбен авион го погоди нашиот дрон“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност на САД.
Русија, пак, ги негира тврдењата на Вашингтон-вели оти дронот паднал по остар маневар. На покана на Путин, кинескиот претседател Џинпинг потврди дека в понеделник ќе ја посети Русија. Турскиот претседател Ердоган претходно изјави дека ќе направи нов обид да продолжат преговорите меѓу Москва и Киев.
