Најдобриот ќе им суди на најдобрите!
Холанѓанецот Бјорн Кујперс ќе го води финалето од Лигата на шампионите меѓу мадриските ривали, Атлетико и Реал.

Мечот за највредниот трофеј што ќе се одигра на 24 мај во Лисабон ќе биде 69-ти за Кујперс во рамките на УЕФА натпреварувањата и петти сезонава во елитната конкуренција.
41- годишниот Кујперс важи за најквалитетен судија во моментов. Со знакот на ФИФА е од 2006-та, а во најважните мечеви коишто ги судел во кариерата влегуваат ланските финалиња во УЕФА Европа лигата меѓу Челзи и Бенфика и на Купот на конфедерациите меѓу Бразил и Шпанија.
Кујперс ќе биде четвртиот Холанѓанец кој ќе суди финале во Купот или во Лигата на шампионите, по Лео Хорн во 1957 и 1962, Чалер Корвер во 1978 и по Дик Јол во 2011.
Во првото градско финале во историјата, асистенти на Кујперс ќе му бидат сонародниците Сандер ван Рукел и Ервин Зеинстра како линиски помошници и Пол ван Букел и Ричард Лисвелд крај гол - аут линиите, додека четврти судија ќе биде Турчинот Кунејт Чакир. За евентуална замена за Кјуперс е назначен уште еден Холанѓанец, Ангело Бонман.
Разбирливо и финалето од УЕФА Европа лигата меѓу Бенфика и Севилја на 14 мај во Торини ќе го води судија од елитната група и тоа Германецот Феликс Брих кој му беше четврти арбитар на Кујперс во двете финалиња минатата сезона.
И двата натпревара за европските клупски пехари ќе бидат емитувани ексклузивно на Македонската телевизија.
