Култура

Ретроспектива на Манчевски и премиера на „Кајмак“ на Софија филм фест

17.03.2023 11:17

Милчо Манчевски е еден од ретките македонски режисери кој ја имал честа да бидат организирани десетина меѓународни ретроспективи на неговиот опус досега...

Интернационалниот филмски фестивал во Софија претставува целосна ретроспектива на творештвото на најтрофејниот македонски режисер, Милчо Манчевски – неговите седум долгометражни филмови и две од краткометражните дела. Ова ќе биде бугарска премиера на неговиот најнов филм „Кајмак“.

„Ретроспектива на целосното творештво е едно од оние специјални задоволства – гледаш каде ти оди гласот. Го поминуваш животот правејќи уметност, се внесуваш и жртвуваш и убаво ти е; и гледаш дека има луѓе што тоа го следат, твојата уметност ги радува, им значи, им влијае на тоа како размислуваат“, изјави Манчевски.

Ќе бидат прикажани „Пред дождот„, „Прашина“, „Сенки“, „Мајки“, „Бикини Мун“, „Врба“, „Кајмак“, „Четврток“ и „Крајот на времето“. Сите филмови се добитници на фестивалски и други меѓународни награди.

Проекцијата на „Кајмак“ е на 18-ти март, а ќе присуствува и режисерот и дел од актерката екипа. „Кајмак“ е македонско-данско-холандско-хрватска копродукција во соработка со МРТВ, а поддржана од Еуримаж. Главните улоги ги толкуваат: Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски. Продуцент е Јане Ќортошев, директор на фотографија Улрик Боел Бенцен, дизајнер Дејвид Манс, монтажер Емил Нунинга, музиката е на Дејниш стринг квартет и Игор Василев-Новоградска, кастингот е на Милка Анчевска, а маската на Марио Микисанти.

Манчевски последен пат гостуваше во Софија во 2020-та за да го претстави „Врба“, кога доби и специјална награда на фестивалот. Манчевски ја има и честа да биде претседател на главното жири на фестивалот во Софија, кој се отвори синоќа и ќе трае до 31-ви март.