Франција

Немири во Париз против пензиската реформа на Макрон, стотици уапсени

17.03.2023 11:35

Без да се гласа во Парламентот, Франција го донесе законот за пензиски реформи. Народот излезе на улица и се судри со полицијата. Има приведени демонстранти и повредени полицајци. Владата реши да ја зголеми старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години...

Утрото во Париз зазори со блокирани обиколници. Демонстрантите го продолжија протестот против пензиската реформа на Макрон, спроведена во Парламентот без гласање.

„Ова е огромно разочарување бидејќи во демократијата гласаме за нашите претставници кои потоа гласаат за самите закони“.

„Тоа се нашите животи. Тие што гласаа, не им треба ни пензија. Тие имаат имоти, имаат огромни приходи. Ние сме тие што ќе работиме уште две години“, вели.

По бурната ноќ, над 200 уапсени и повредени полицајци. Солзавец и водени топови беа употребени за да се расчисти хаосот на улиците. Негодување и скандирање имаше и во Народното собрание, кога премиерката Борн ја почна постапката за усвојување на непопуларниот закон со кој наместо на 62, работниците ќе се пензионираат со 64 години.

Во телевизиско гостување, премиерката го коментираше начинот на кој реагираа пратениците.

„Не бев лута, бев шокирана. Вресоци, скандирања, удирање по клупи. Мислам дека тоа го одразува фактот што одреден број опозициски групи не ги почитуваат нашите институции. Некои од нив јасно ставија до знаење дека сакаат хаос во собранието и на улиците“, изјави Елизабет Борн, премиер на Франција.

Постапката, синдикатите ја оценија како брутална и најавија порадикални протести низ цела Франција.

 

Бојана Крстевски