Украина

Жестоки борби на фронтот во Украина, западните сојузници со воена помош

17.03.2023 12:27

Продолжуваат жестоките битки на истокот на Украина. По Полска, и Словачка потврди дека ќе испрати „мигови“ на Киев. Кинескиот претседател Си Џинпинг в понеделник доаѓа во Москва на средба со Путин...

Поддршката од западните сојузници за Украина полека, но сигурно пристига. Словачката влада едногласно реши да му испрати на Киев авиони Миг-29 од советската ера кои веќе не ги користи. Полскиот претседател претходно објави дека неговата земја планира да и даде на Украина речиси десетина борбени авиони МиГ-29 и ќе ги исполни се погласните барања на украинската влада за воени авиони. Неодамна и Македонија испрати воена помош за Киев. Покрај оружје и опрема, и борбените авиони Сухои кои по конфликтот во 2001-та беа приземјени.

„Овие МиГ-ови што и ги даваме на Украина е за да можат да ги заштитат своите цивили од бомбите што ги погодуваат нивните домови и засолништа. Им ги даваме нашите МиГ-ови со намера – да штитат животи“, изјави Едуард Хегер, премиер на Словачка.

На фронтот и натаму се водат жестоки битки. Украинските сили се обидуваат да ги одбијат руските напади во Бахмут. По објавата на извештајот од истрагата на Независната меѓународна истражна комисија поддржана од ОН за Украина, претседателот Зеленски вели дека Русија ќе одговара за секое „злосторство“ што го направила за време на војната.

„Ќе дојде ден кога сите извршители на воените злосторства против Украинците ќе бидат изведени пред лицето на правдата во салите на Меѓународниот кривичен суд и националните судови“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Во меѓувреме, Кина изразува загриженост поради ескалацијата на војната во Украина и сака Москва и Киев да се вклучат во мировни преговори. Пекинг соопшти дека кинескиот претседател Си Џинпинг ќе ја посети Русија идната недела. Кремљ ја потврди посетата велејќи дека таа ќе се одржи на 20 Март по покана на Владимир Путин.

„Кина ќе ја задржи својата објективна и непристрасна позиција за украинската криза и ќе игра конструктивна улога во промовирањето на мирот со разговори“, истакна портпаролот на МНР на Кина, Ванг Венбин.

„Рускиот претседател и неговиот кинески колега ќе почнат со дискусија во попладневните часови на 20 март. Тоа ќе биде рандеву, еден на еден, неформален ручек. 21-ви март ќе биде ден на преговори“, изјави портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков.

Кина од почетокот на конфликтот прогласи пријателство „без ограничувања“ со Русија и одби да ја осуди инвазијата на Москва на Украина.

 

Маријана Димовска