Инвеститорите од дијаспората најмногу вложуваат во угостителството

07.05.2014 14:56

Емигрантите слабо се покажуваат како инвеститори, а и кога ќе се решат да вложат, тоа го прават најчесто во угостителскиот бизнис...

Праќаат пари на роднините дома, но тешко се решаваат да инвестираат во родната земја. Емигрантите слабо се покажуваат како инвеститори, а и кога ќе се решат да вложат, тоа го прават најчесто во угостителскиот бизнис.Американ колеџот во Скопје, заедно со Македонската фондација за развој на компаниите спроведе истражување за директните инвестиции од дијаспората.

Анкетирани се 35 иселеници кои имаат отворено компании во земјава. Најголем дел од нив се во угостителскиот бизнис. Отвориле хотели и ресторани а работат и со трговија. Помал процент се во производство. Професорката Никица Мојсоска која е дел од истражувањето вели дека дијаспората води бизнис во земјата таков каков што веќе работела во странство

„Тие веќе работеле во вакви сектори во странство и сакаат да пртенесат искуства во земјава, а изненадува тоа што овие сектори по примерот на другите земји би требало да се извозно ориентирани, но тоа не е случај во земјава“, изјави за МРТ универзитетската професорка Никица Мојсовска.

Бизнисите на иселениците во земјава, кои во главно се од Австралија и европските земји, во просек вредат од 100 до 500 илјади евра. Покрај тоа што изјавиле дека деловната клима во земјава се подобрува, потенцирале и одредени проблеми со кои се соочиле при водењето бизнис.

„Најголем дел од тие инвеститори имаат проблем со администрацијата на локално ниво така што и поголем дел од нив се жалат на неефикасна администрација или како пречки им се финансиите, пристапот до финансии но и трошокот на финансиите, потоа недостаток од квалитетна работна сила трето е неефикасна администрација и добивање лиценци и четврто тоа се нерешени имотно правни односи“, додава Мојсовска.

Економистите се согласуваат дека околу 10 милиони емигранти од регионот претставуваат неискористен економски потенцијал кој, доколку му се пружи можност, може да донесе значајни инвестициски проекти и бизнис можности, работни места и зголемена економска активност на Балканот.



Соња Јованова- Наумовска