Македонија

Сточарите од кумановско повторно на протест

17.03.2023 14:02

Жители на неколку кумановски села повторно излегоа на протест и го блокираа регионалниот пат кон Скопје. Добиле информација дека надлежните ќе продолжат да ги уништуваат свињите. Велат не добивме никакво решение дека има присуство на африканската чума. Појаснуваат дека голем дел од селата живеат токму од сточарството.

Сточарите од Љубодраг, Ново Село, Умин Дол, Лопате и Тромеѓа повторно излегоа на протест и два часа го блокираа стариот пат кон Скопје. Не дозволуваат надлежните да влезат во селото и да ги уништуваат, како што велат здравите свињи. Според нив на животните на кои пред шест месеци им било направено тестирање не боледуваат од африканската чума и за овој период не покажале знаци за присуство на болеста. Нагласуваат дека живеат од сточарството и не треба да се уништува.

„Требаше да дадат решение дали се позитивни или не за да знаат луѓето, сега не знаат дали да чуваат или не. Храна што ја произведоа луѓето сакаат да се унапреди земјоделството, сточарството на овој ли начин, произведоа и никој сега не сака да купи, зошто им е кога немаат свињи“, вели Бобан Лазиќ, претседател м.з. на село Љубодраг, кумановско.

„Житото ми е во амбари, глувци го уништуваат, поминува времето, а не смеам да чувам свињи, фармата е мала, но од тоа ја издржував фамилијата. Направена е процена, на вредност спрема свињите не е 60 проценти. Јас со 40 отсто сум во загуба. Дали и би почнал повторно да чувам, не сум сигурен“, нагласи Звонко Цветковски, жител на село Љубодраг.

Поради страв велат голем број жители кои за свои потреби одгледувале свињи, сами ги уништиле. Бараат да се смени правилникот за мерки за сузбивање на болеста. Велат сите мерки временски се пречекорени. Блокадите нагласуваат ќе продолжат сè додека не се повлече решението за уништување на свињите.

„После шест месеци крв земено нема никаква информација за болест ниту една отстранета свиња и сега пак истото ни го прават“, вели Ненад Бранковиќ, жител на Ново Село, кумановско.

„Да апелирам до сите власти да не се играат со нас, народот е револтиран. Нема ништо по три месеци, кај ниту едно животно нема забелешка, ова е сè вештачки направено“, истакна Владан Станојковски, заменик-претседател на м.з. село Тромеѓа.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека нема нови жаришта на африканска чума. Состојбата кај питомите свињи е мирна, и се следи од стручните екипи. Од појавата на првиот случај во јануари лани, угинати се 114 свињи, еутанизирани се 4.407 животни, а испратени на колење за економско искористување 1.161 свиња. Последните анализи покажале присуство на вирусот кај дивите свињи. Укинати се мерките во општините, освен во кумановско, каде сè уште не е дозволено ново населување на овие животи.

Елена Георгиевска