Протест

Средношколци и студенти на протест пред МОН

17.03.2023 14:40

Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите, на заеднички протест. Едните бараат кратење на материјалот за државниот испит, другите повисока цена за оброк и навремена исплата на стипендиите. Од Сојузот на средношколци пак со став-не е во интерес на матурантите да се намали бројот на интерни испити...

По скратен материјал да полагаат државна матура или да се укине еден интерен предмет, бидејќи 4 години наставата била постојано во прекин. Ова е главното барање на средношколците од организацијата „Одас“ кои протестираа пред МОН.

Студентите со поддршка за средношколците, бараат Владата да ги одржи ветеното, да ги подобри условите во студентските домови, редовно да ги исплаќа стипендиите и да ја зголеми цената на студентскиот оброк. Од Сојузот на средношколци се спротивставија на барањето на „Одас“ за евентуално укинување на еден интерен предмет, според нивните анализи тоа е спротивно на интересите на матурантите кои ќе сакаат да студираат во странство.

Според сознанија на средношколците, материјалот за матурата ќе биде скратен, но како што рекоа, немаат увид во процесот, беа повикани на средба кај ресорниот министер Шаќири кој најави дека наредната недела заедно со директорот на државниот испитен центар ќе ги разгледуваат законските можности за намалување на материјалот за државната матура. Термините се утврдени, ќе се полага на 27 мај и 10 јуни.

 

 

Викторија Милевска