Евроинтеграции

Реформите да забрзаат, уставните измени се клучни

17.03.2023 14:41

Високиот претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, во Владата на средба со премиерот Ковачевски. Состанокот за стабилизација и асоцијација по прв пат се одржува во Скопје. Оптимизам за членство на Македонија во ЕУ, услов уставните измени…

Шеснаесеттиот состанок на Советот за асоцијација и стабилизација во Скопје покажува дека Македонија ќе стане членка на ЕУ, порачаа првите луѓе на Европската комисија, Борел и Вархеји. По пленарната седница во Владата констатирано дека потребни се напори за забрзана реформа особено на судскиот систем, владеењето на правото, борбата против корупцијата. Истакнаа дека оваа е клучна година за продолжување на пристапните преговори ако се забрзаат реформите и се исполни прифатениот услов за почеток на пристапните преговори за уставни промени.

„Да се оди нанапред значи и подобрување на односите со вашите соседи. Тука спаѓа и да се создадат услови да се усвојат уставните измени. Оваа година е клучна. Сега е време сите политички партии да си ги преземат своите обврски и искрено да работат на продолжување на оваа патека. Северна Македонија покажува огромна посветеност и добра подготовка да го продолжи процесот на пристапување, а клучно е да се надгради неодамнешниот успех и да се продолжи со реформите, да не се дозволи враќање наназад или одложување“, нагласи високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел.

Премиерот Ковачевски како претседавач со Советот за асоцијација посочи дека уставните промени се обврска на сите пратеници во Собранието.

„Сите предуслови за стопроцентно вклучување на опозицијата во сите процеси за интеграција во ЕУ, вклучително и носењето на амандманите во уставните измени, се направени. На опозицијата е стратешки да размислува и она што декларативно го кажува да го спроведе и во пракса“, нагласи премиерот Димитар Ковачевски.

Вратата за прием во ЕУ е отворена и од вас зависи кога ќе станете полноправна членка. Можно е во 2030-та или порано, рече еврокомесарот за проширување Вархеји.

„Секогаш сум оптимистичен за членство во ЕУ. Тоа ми е дел од описот на работното место. Одговорот е да. Апсолутно сум оптимист. Кажавте 2030-та година, тоа јас не можам да го кажам, може да биде порано, може да биде подоцна. Сè зависи од испораката на реформите од страна на Северна Македонија. Ние од наша страна сметам дека дадовме многу јасни и силни сигнали, ако ги погледнете дискусиите на нашите шефови на влади и држави изминатите години ќе видите дека проширувањето е приоритет за нашите лидери и за ЕУ“, нагласи Оливер Вархеји, еврокомесар за соседска политика и проширување.

Високиот претставник на ЕУ, Борел и еврокомесарот Вархеји ја поздравија улогата на Македонија за стабилноста во регионот со Охрид како домаќин на новата рунда преговори меѓу Србија и Косово за нормализација на односите, согласно европскиот предлог.

Ирина Гелевска