Маричиќ: Напредокот на земјата е видлив, фокус на реформите и искористување на моментумот за забрзување на преговорите со ЕУ
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска на состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу ЕУ и Северна Македонија рече дека вратите на ЕУ се отворени, но дека на нас останува да ги завршиме обврските и да испорачаме резултати кои се во интерес на граѓаните и на економскиот развој на државата...

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска на состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу ЕУ и Северна Македонија рече дека вратите на ЕУ се отворени, но дека на нас останува да ги завршиме обврските и да испорачаме резултати кои се во интерес на граѓаните и на економскиот развој на државата.
Маричиќ истакна дека Северна Македонија ја спроведува Спогодбата во континуитет и во целост, со што е постигнато значително ниво на хармонизација на националното законодавство со правото на ЕУ.
За точката посветена на Економските критериуми, главниот преговарач со ЕУ рече дека ликвидноста и солвентноста на банкарскиот систем е солидна и стабилна.
Тој укажа дека е донесен новиот Закон за буџети со кој се воведуваат фискални правила, фискален совет, среднорочно буџетирање и дополнително подобрување на фискалната транспарентност, а се осврна и на започнатата реформа на даночниот систем согласно Стратегијата за реформа на даночниот систем 2021-2025.
Вицепремиерот посочи дека и покрај сите предизвици, постигнат е напредок и во однос на понатамошното усогласување со ЕУ законодавството, наведувајќи дека е донесена Стратегија за развој на системот за јавни набавки 2022-2026.
Во областа на енергетиката, Маричиќ кажа дека приоритет претставува ревизијата на Националниот енергетски и климатски план, како и активностите за подобрување на енергетската ефикасност, со цел намалување на ранливоста на земјата на надворешни шокови и зголемување на енергетската сигурност.
Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ со европската делегации ја сподели позитивните впечатоци од досегашниот тек на скринингот и изрази благодарност до комесарот Вархеји и службите на Европската Комисија за добрата организација на скрининг состаноците.
Тој напомена дека е важно за нас да ги добиеме скрининг извештаите што е можно побрзо, за да се задржи фокусот и мотивацијата за реформите и кај администрацијата и кај општеството во целина.
Како што редовно изјавува, на секој билатерален скрининг, Маричиќ на состанокот потврди дека Северна Македонија е подготвена во целост да го преземе законодавството на Европската Унија во својот внатрешен правен поредок и да изгради ефикасни административни и правосудни капацитети за негова целосна примена.
На состанокот вицепремиерот Маричиќ се заблагодари за поддршката која ја добиваме од ЕУ за спроведување на реформите преку Инструментот за претпристапна помош ИПА, но и за помошта за макроекономската стабилност и справување со последиците од енергетската и ковид кризата.
На состанок се разговараше за напредокот на земјата, реформската агенда и планираните активности и задачи кои треба да се реализираат во понатамошниот тек на евроинтеграцискиот процес.
Ова е прв состанок на Советот за Стабилизација и асоцијација што го одржуваме како земја која преговара со ЕУ. Последниот се одржа пред 4 години во Брисел, а денешниот 16-ти состанок, по прв пат се одржува во Скопје.
На состанокот претседаваше премиерот Димитар Ковачевски. Во делегацијата покрај вицепремиерот Бојан Маричиќ, беше и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Делегацијата на ЕУ беше предводена од Жосеп Борел Фонтелес, Висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, како и Оливер Вархеји, Комесар за соседство и проширување, кои ја претставуваа Европската комисија.
