Македонија

Средба Пендаровски-Борел

17.03.2023 19:36

По средбата со високиот европски претставник Борел шефот на државава истакна дека голем дел од разговорот посветиле на дијалогот Белград – Приштина. Борел ги поздрави заложбите на земјата во реформскиот процес и рече дека тие треба да бидат применети за доброто на сите...

Процесот на приближување кон ЕУ се одвива со задоволително темпо, а проценките на Брисел се дека нашите одговори во оваа фаза се на високо квалитетно ниво, рече шефот на државата Пендаровски. По средбата со високиот европски претставник Борел шефот на државава истакна дека голем дел од разговорот посветиле на дијалогот Белград – Приштина.

Борел ги поздрави заложбите на земјата во реформскиот процес и рече дека тие треба да бидат применети за доброто на сите. Ја истакна и важноста од развивањето добрососедски односи.

Пендаровски се сретна и со специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан Мирослав Лајчак. Тема на разговори биле состојбите во регионот и очекувањата од дијалогот Белград – Приштина. Пендаровски истакнал дека нашата држава го поддржува дијалогот за изнаоѓање сеопфатно решение потенцирајќи дека мирното решавање на отворените прашања на Западниот Балкан треба да биде апсолутен императив за сите.

Борел се ракуваше со дел од припадниците на европските мисии АЛТЕА во Босна и Херцеговина и во Централноафриканската Република кои придонесуваат за регионална и глобална безбедност.

 

Анита Димитријевска Велковска