ДЗС: Намалени трошоците за живот

07.05.2014 16:08

Трошоците на живот во април годинава, во споредба со април лани, се намалени за 1,1 процент, а цените на мало за 1,5 процент...

Според последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС), трошоците на живот во април годинава, во споредба со април лани, се намалени за 1,1 процент, а цените на мало за 1,5 процент.

Во април  во однос на март годинава трошоците на живот се непроменети, а цените на мало се зголемени за 0, 1 отсто. Пораст на трошоците на живот во април, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежото овошје за 5,7 проценти, свежиот зеленчук за 3,1 процент, конзервираните месни производи за 0,5 проценти, другите млечни производи за 0,4 проценти, трајните колбасичарски производи, рибата и киселото млеко за 0,2 проценти. Зголемување на трошоците на живот има и кај авионскиот превоз на патници за  9,6 проценти, обувките за 0,4 проценти и облеката за 0,2 проценти.

Намалување на трошоците на животот во април во однос на март годинава статистиката регистрира кај јајцата за  1 процент, другите прехранбени производи за 0,9 проценти, свежото млеко за 0,8 проценти, месото и безалкохолните пијалаци за 0,7 проценти, преработките од млеко за 0,6 проценти, тестенините и мастите за 0,4 проценти, конзервираната риба и алкохолните пијалаци за 0,3 проценти.

Во април, исто така, намалување на трошоците на животот е забележано и кај течните горива за домаќинствата за 3,3 проценти, течните горива и мазива за 1,2 проценти, цврстите горива и средствата за чистење и одржување на домаќинствата за 0,3 проценти и гасот за домаќинствата за 0,2 проценти.