Куманово: Ќе се одолжи ли реконструкцијата на театарот?!
Ќе запре реконструкцијата на кумановскиот народен театар. Министерството за култура годинава не одвои доволно средства за санација на кровот и изградба на светлосен мост. Надлежните од кумановскиот театар се надеваат на ребаланс и дополнителни средства, но тоа може да се случи и идната година. Актерите пак се надеваат дека Министерството ќе биде и „нивна мајка“ и ќе ги слушне барањата…

Министерството за култура одобри само 3, 2 милиони денари или околу 50.000 евра за реконструкција на кумановскиот театар. Средствата се недоволни за да продолжи третата фаза, која предвидуваше замена на кровот и поставување на светлосен мост, велат од Националната установа центар за култура „Трајко Прокопиев“ под чија надлежност е „Театар Куманово“. Со овие средства велат ќе се уредат тоалетите и ќе се постават рампи за лицата со попреченост. Тие се надеваат на дополнителни средства, но тоа може да биде и идната година.
„Целосно третата фаза според проекциите би биле потребни некои 25 милиони денари, кровот и светлосниот мост што би било повеќе од 60 проценти од целокупното завршување на „Театар Куманово“, потоа би се спуштило долниот дел гледалиштето и сцената и термо техниката тоа нема да изискува толку големи средства“, вели Сашо Тодоровски, директор на НУЦК „Театар Куманово“.
Речиси две години во Центарот за култура функционира и кумановскиот театар, македонската и албанската драма. Годинава „Театар Куманово“ одбележува и 75 години постоење. Актерите засега не размислуваат за ригорозни мерки, бидејќи велат љубовта кон театарот секогаш била посилна. Сепак се надеваат дека Министерството за култура ќе биде и „нивна мајка“.
„Да оставите група на уметници кои треба да творат, во исто време се на државниот буџет, во никакви услови, навистина покренува безброј прашања. Нашата реакција се однесуваше на тоа да имаме некаква назнака до кога ќе се одвива таа реконструкција“, истакна Кети Дончевска Илиќ, актерка и уметнички директор на НУЦК „Театар Куманово“.
И кумановци, љубителите на театарската уметност со години им даваат поддршка на актерите, во барањето за нова, модерна и функционална установа.
Елена Георгиевска
