воен конфликт

Хашкиот суд со налог за апсење на Путин

18.03.2023 12:51

Рускиот претседател Путин обвинет за воени злосторства од Меѓународниот кривичен суд во Хаг. За Киев одлуката на судот е историска, за Кремљ е бесмислена...

Високи украински функционери го поздравија обвинението од Меѓународниот суд во Хаг за рускиот претседател Путин. Кремаљ, пак, смета дека е бесмислен. Налогот на судот во Хаг е поради воени злосторства, како и поради неговата наводна вмешаност во грабање деца од Украина.

„Ова е историска одлука која ќе доведе до историска одговорност. Шефот на терористичката држава и уште еден руски функционер, официјално станаа осомничени за воено злосторство. Во депортацијата на украинските деца – нелегално префрлање на илјадници наши деца на територијата на терористичка држава“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Покрај Путин, Хашкиот суд издаде и налог за апсење на руската комесарка за правата на децата, под истите обвиненија како и за рускиот претседател. Според украинската Влада, бројот на насилно однесени деца во Русија е 16.221 дете.

За американскиот претседател Бајден налогот за апсење е „оправдан“.

„Мислам дека одлуката е оправдана. Но, прашањето е: Тоа не е меѓународно признаено, ниту од нас, но мислам дека има многу силна точка. Путин јасно изврши воени злосторства“, изјави американскиот претседател Џо Бајден.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Захарова на Телеграм изјави дека Кривичниот суд во Хаг за Русија нема значење.

Портпаролот на Генералниот секретар на ОН, Гутереш, во преден план ја истакнува спремноста за натамошни разговори, истакнувајќи дека ОН и Меѓународниот суд се одвоени организации.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Борел на Твитер напиша: „Овој чекор е само почеток на процесот на повикување на Русија на одговорност, таа не смее да остане неказнета“.

 

Марина Ристова