НБА

Леброн ќе им се придружи на Џордан и Коби

07.05.2014 16:09

Со триумфот 107:96 против Бруклин во првиот натпревар од источното НБА полуфинале, актуелниот и двоен шампион води со 1:0 против екипата од која што загубија во 4 дуели во регуларниот дел од сезоната.

Хит ја добија битката во рекетот со 52:28, што им се најмногу поени под кошевите сезонава, во дуелите со Нетс.

Леброн Џејмс постигна 22 поена, во вечното ривалство против Пирс и Гарнет што датира уште од соочувањата меѓу Кливленд и Бостон. Кралот им се придружи на Џордан и на Коби, единствени во историјата со 4.000 поени, 900 скокови и 900 асистенции, но за пократко време од двајцата, за само 9 постсезони.

И одбраната функционираше беспрекорно. Прв пат во историјата на Гарнет, што брои 139 плеј-оф натпревари, тој остана без постигнат поен.

Тони Паркер, со 33 поени, 9 асистенции, 3 скока и 1 украдена топка, едноставно го надигра тимот на Портланд и беше најзаслужен за победата на финалистот, 116:92 за 1:0 на западната страна. По неговите 9 додавања Спарс постигнаа 21 поен, што е највисоката комбинирана бројка на Французинот сезонава.

Каваи Ленард постигна 16 поени, Тим Данкан имаше дабл-дабл со 12 поени и со 11 скокови, а на спротивната страна се издвои Олдриџ со 32 поена и со 14 скокови.

По полноќ, своите втори натпревари ќе ги одиграат Индијана и Вашингтон во источното, односно Тандер и Клиперс во западното полуфинале.