Битола

Неопходна поголема грижа за културното наследство во Битола

18.03.2023 13:30

Зданијата во старата битолска чаршија оставени на забот на времето. Во градот на конзулите се евидентирани околу илјада и 800 стари архитектонски зданија, но само мал дел од нив го вратија некогашниот лик. За реставрирање чекаат уште голем број градби...

Битолскиот широк сокак, каде што е зачуван стариот сјај на Битола и нејзината стара архитектура, за жал не може да ја сокрие вистинската слика за другите објекти од историска важност за градот, но и за државата, кои се оставени на забот на времето и полека се распаѓаат и уништуваат.

Еден од белезите за тоа дека Битола е најградски град е старата битолска архитектура. Според евиденцијата на Музејот во делот на старото градско јадро во Битола сместени се околу 1.800 такви објекти. Со изработка на генералниот урбанистички план на Битола овој број ќе порасне за уште стотина. Само мал дел од нив го добија ликот што го заслужуваат, за реставрирање чекаат уште голем број градби.

„Од тие 1.800 коишто ги набројав околу 70% треба да се реставрираат, меѓутоа не се во наше владение. Ние ги реставрираме објектите кои се во наше владение, односно коишто се државни објекти, за другите објекти надлежни се самите сопственици на тие објекти, за нивното одржување, реставрирање, конзервирање од нас како институција добиваат стручна помош“, изјави Зоран Алтипармаков, архитект во Завод и музеј – Битола.

Од Завод и музеј – Битола велат дека само неколку поголеми објекти се во нивно владение за кои секоја година добиваат средства од Министерството за култура и кои етапно се реставрираат и конзервираат. Оваа година продолжуваат со следните фази на проектите кои се започнати ланската година.

„Оваа година само мал дел, спомен куќата на Стив Наумов. Некаде околу по 300 илјади денари за двата објекти. Најголем акцент оваа година е даден за завршување на конзерваторско-реставраторските работи на црквата во Курбиново“, вели Алтипармаков.

За објектите кои се во приватна сопственост да го добијат повторно автентичниот изглед, потребни се законски измени и нова национална стратегија која конкретно ќе работи на проблемите, а не воопштено. Законите се добри, но не функционираат и не се почитуваат прописите и одредбите-вели архитектот Алтипармаков.

Најголемиот процес на конзервација и реставрација на објектите започна во 2000-та година. Од вкупниот број на стари градби до сега конзервирани и заштитени се околу стотина објекти, главниот удар е даден на Широк Сокак.

 

Александра Максимовска