Тетово

Во Тетово пешаците се почесто жртви во сообраќајот

18.03.2023 14:10

Црната статистика со загинати и повредени пешаци во тетовско од година вгодина расте. Сообраќајната сигнализација која или ја нема или е несоодветно поставена е една до главните причини поради која страдаат пешаците. Но, и сообраќајната култура не е на завидно ниво...

Необележани пешачки премини, уништени сообраќајни знаци, на некои раскрсници и воопшто ги нема, или пак се поставени на несоодветни места. Ваква е сообраќајната сигнализација во Тетово со години, а последиците големи, бројот на пешаци – жртви од година вгодина расте.

Од Сообраќајната полиција, велат дека нивни екипи се постојано на терен, но без соодветна сигнализација не може да се воспостави ред во сообраќајот. Општината глува на нивните барања за надминувања на пропустите.

„Нашата работа е покрај ова е да алармираме и да им укажуваме на општините и на крајот на краиштата и да поднесуваме и пријави ако не постапуваат по тоа што се задолжени. Значи имаме необележани раскрсници, несоодветно поставени знаци и се чини дека немаат континуиран пристап кон обновување на таа сигнализација, како да чекаат ние да ги потсетиме за нивните обврски“, изјави Зоранчо Талев, командир на ПС за БПС Тетово.

А сообраќајната култура на патиштата се помала. Пешаци поминуваат на црвено, за некои улицата и тротарот како да е иста сообраќајна инфраструктура. Голем дел од возачите кога седнуваат зад волан не ги земаат предвид пешаците и велосипедистите, дека и тие се учесници во сообраќајот.

„Возачите да внимаваат на пешаците како се движат како се приближуваат, да ја намалат брзината пред пешачки премин, раскрсница, а и пешаците да ги користат тие премини да внимаваат дали возилото ќе застане или нема да застане и така натака се со цел да се избегнат последици“, вели Талев.

Лани сами во тетовско 4 пешаци загинале, а 90 биле повредени. Црната статистика расте од година в година. Сообраќајната култура според сликите од терен е се помала.

 

Зоран Димовски