Писателот Славко Јаневски е автор на првиот македонски стрип во 1940 година
Стрипот како уметност во Македонија почетоците ги има во 1940 година, кога писателот Славко Јаневски го создал првиот стрип. Младиот штипјанец Александар Стеванов ја истражувал стрип историјата на Македонија. Според него најпопуларен стрип во земјава бил „Пецко“ на Дарко Марковиќ...

Писателот Славко Јаневски со неговиот стрип „Киќа и детективи“ е првиот македонски автор кој напишал стрип. Тој бил создаден во 1940-та а објавен следната година во српското списание „Микиево царство“. По Втората светска војна, Јаневски го објавил и првиот стрип на македонски јазик, „Еден бункер падна“ на почетокот од 1945 година, во младинската периодична публикација „Пионер“. Ова се податоците кои младиот Александар Стеванов од Штип, ги дознал истражувајќи за историјата на македонскиот стрип.
Јаневски бил автор и на првиот македонски стрип со историска личност како јунак, тоа е „Крале Марко и орелот“, објавен во списанието „Стрип книга“, исто така во Србија. Според Стеванов стрип се цртало на почвата на Македонија уште во 14 век, кога е создадена хагиографската икона „Св. Никола со житие“ во црквата „Св. Богородица Перивлепта“ во Охрид, а нешто подоцна и иконата „Житието на Св. Ѓорѓи“ од црквата „Св. Ѓорѓи“ во Струга, која датира од 15 век. Авторите кои цртаат стрип во Македонија работеле на различни теми.
Според него најпознат македонски стрип е политичкиот и тоа „Пецко“ на авторот Дарко Марковиќ. За жал констатира дека интересот на младите, за стрипот како уметност, култура е многу слаб.
Петар Печков
