Бојкотот на СДСМ не наиде на поддршка во ЕУ

07.05.2014 16:42

Соработка и дијалог во конструктивен дух – препорачува Европската Комисија. Бојкотот на Социјалдемократскиот сојуз не наиде на подршка во Европската Унија...

Очекуваме соработка, а не повлекување. Директен одговор од Петар Стано, портпаролот на Еврокомесарот за проширување. МТВ го праша какви ќе бидат политичките последици за Македонија, доколку продолжи бојкотот на институциите од страна на најголемата опозициска партија во земјата?

„Ние сме многу свесни за моменталната ситуација како и за причините поради кои опозицијата така реагира. Но тоа што ние посочуваме е ангажирање, а не неангажирање. Ова е несреќна ситуација. Ние продолжуваме да ги охрабруваме политичките лидери да најдат решение со конструктивен ангажман (соработка) и конструктивен дијалог. Тоа на прво место значи дека Владата и опозицијата да воспостават дијалог и во конструктивен дух да најдат решение за проблемот кој ја предизвика моменталнта  ситуација“, изјави Стано.

Стано не сакаше да шпекулира какво влијание врз годишниот извештај за напредокот на Македонија ќе има отсуството на опозициската СДСМ и нејзините партнери од македонското Собрание.

Потенцираше дека има уште шест месеци објавувањето на документот. Во тој период, според него, државата треба да продолжи да ги исполнува економските и политичките критериуми како и да го усогласи законодаството со европската легислатива, односно да  покаже зрелост  дека е подготвена да биде дел од Европската Унија.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ