Украина

Продолжуваат жестоките борби низ цела Украина

19.03.2023 13:24

Откако судот во Хаг го обвини за воени злосторства, Путин во ненадејна посета на разрушениот Мариупол и Ростов на Дон. Жестоките руски напади на Украина продолжуваат. Зеленски најавува нова воена помош за земјата...

Продолжуваат руските напади низ Украина. Жестоки борби се водат околу градот Бахмут. Украинските безбедносни служби објавија видео од уништување на 10 руски тенкови и уште едно возило за една ноќ. Според командантот на копнената армија на Украина, Русија го напаѓа скоро целиот источен фронт.

Претседателот Зеленски рече дека Украина ќе добие нова воена помош од неколку земји – Канада, Германија, Франција, Данска, Естонија.

„Имаше разговор меѓу Украина и САД во проширен одбранбен формат. Украинската страна беше претставена од министерот за одбрана, началникот на генералштабот, командантите на оперативните област. Нашата цел е очигледна: да ги зајакнеме нашите војници, да најдеме нови решенија за да може Украина да преземе активни мерки и да се брани од рускиот терор, да ја врати вистинската безбедност“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Рускиот претседател Владимир Путин го посети разурнатиот град Мариупол во рамки на ненадејната обиколка на окупираните делови на Украина.

„Ние живееме овде. Јас живеам на приземје, а тие на првиот кат“, рече еден жител.

Руските државни медиуми јавуваат дека ова е прво патување на Путин на територијата на украинскиот Донбас од почетокот на инвазијата врз Украина. Путин го посети и командното место на руската специјална воена операција во Ростов на Дон, каде што одржа средба со воениот врв. Германскиот министер за правда Марко Бушман, изјави дека Германија ќе го уапси Путин, доколку дојде во земјата. Очекува Меѓународниот кривичен суд наскоро да стапи во контакт со Интерпол, како и со земјите-членки, и да побара од нив да ја спроведат наредбата.

 

Марина Ристова