Постигнат договор Србија - Косово
По 12 часа преговори во Охрид, усогласен текстот за Анекс на договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина. Ветеното од двете страни ќе биде и формална обрвска за патот кон Европската унија – посочи европретставникот Борел. Вучиќ подготвен да работи на имплементација на европскиот предлог, Курти бара параф на договорот. Според премиерот Ковачевски со дипломатија единствено може да се постигне решение за напредок...

Договор постигнат, потписи не се ставени. Меѓународниот фактор задоволен, директните учесници во дијалогот Белград – Приштина остануваат со резерва и ветувања дека договореното во Охрид ќе се спроведува. Ова е епилог од Охридскиот маратонски дијалог меѓу српскиот претседател Вучиќ, косовскиот премиер Курти и посредниците од Европската унија.
Првиот човек задолжен за надворешна политика и безбедност на Европската унија, Жозеп Борел појасни дека двете страни го прифатиле предложениот договор и неговото спроведување.
Не потпишав затоа што не сакам да склучам меѓународен правен договор со Косово – изјави српскиот претседател Вучиќ. Србија е подготвена да работи на имплементација до нејзините црвени линии.
Косовскиот премиер Курти порача дека Европската унија треба да најде механизам статусот на прифатениот договор да биде правно и меѓународно обврзувачки. Прифатил формирање на заедница на српски општини.
Без нашите пријатели и сојузници ова немаше да се случи. Ова е уште еден доказ дека Северна Македонија е доверлив партнер што им помага на САД и ЕУ да постигнат регионална стабилност- изјави во Охрид, американскиот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
Македонскиот премиер Ковачевски на крајот од 12 часовните разговори рече дека со договор, со дипломатија единствено може да се постигне решение за напредок и единствениот начин целиот регион низ дијалог и низ разговор да ги реши предизвиците коишто ги имаат државите помеѓу себе.
Во понеделник, европските лидери ќе се состанат во Брисел, а еврокомесарот Борел ќе ги информира за постигнатото меѓу Белград и Приштина и за ангажманот на двете страни целосно да ги имплементираат нивните обврски.
Миле Ристески
