Бесплатен скрининг за бубрежни заболувања во струшка нефрологија
Бесплатен скрининг за рано откривање на бубрежни заболувања во Специјалната болница за нефрологија во Струга. Голем број граѓани ја искористија можноста да направат прегледи и да ги слушнат советите од лекарите. Според статистиката во светот 850 милиони луѓе имаат некоја форма на бубрежна болест. Кај нас бројката е 150 илјади заболени од кои еден процент се на дијализа...

Во месецот на бубрегот Специјалната болница за нефрологија - Струга врши бесплатен скрининг за рано откривање на бубрежни заболувања. Голем број граѓани прават прегледи со мерење на крвен притисок и анализи на крвта.
Од болницата велат, врз основа на овие параметри првично може да се следи дали некој потенцијално болен има здравствени проблеми со бубрезите. Според лекарите најважно е рано откривање и третман на бубрежните заболувања.
„Нашата болница стои на располагање во секој момент во поглед на сите бубрежни болести, уролошки заболувања и други превентивни прегледи. Интересот за прегледи е доста голем“, изјави д-р Александар Попоски, директор на Нефрологија-Општа болница Струга.
Граѓаните добија препораки и совети. Посебен начин на исхрана, редовни прегледи и физичка активност се основите за здрави бубрези, советуваат лекарите, кои на пациентите им делеа и едукативни флаери.
„Има неколку препораки за бубрезите да останат здрави физичка активност и вежби, мерење на крвен шеќер, мерење на крвен притисок и негова регулација, пиење на многу течности посебно вода, здрава и правилна исхрана и престанок на пушење“, вели Попоски.
Според статистиката во светот 850 милиони луѓе имаат некоја форма на бубрежна болест. Кај нас бројката е 150 илјади заболени од кои еден процент се на дијализа.
Соња Рилковска
