Притвор за офталмологот уапсен за примање мито
При претресот кај докторот била пронајдена и друга медицинска документација. Полицијата дополнително ќе утврдува дали е поврзана со други постапки за стекнување на право за користење на инвалидски пензии...

2000 евра- толку чинело посредување за инвалидска пензија кај уапсениот доктор- офалмолог. При медицински преглед на клиниката за очни болести, 46-годишниот офталмолог, дијагностицирал болест на очите кај пациент, му рекол дека со таква дијагноза повеќе не ќе може да оди на работа, но може да му посреди за добивање на инвалидска пензија. Пациентот минатиот месец го пријавил случајот во полиција. Вчера со докторот се сретнале во угостителски објект кај транспортниот центар во Скопје, за да се раздолжат за услугата.
„Откако претходно беа техничко обработени парите истите му беа предадени на докторот, веднаш откако истиот ги прими парите, односно наградата за противзаконско влијание полициските службеници кои што беа поставени во близина настапија, докторот беше приведен и спроведен во полициска станица“, изјави Иво Котевски, заменик министер за односи со јавност во МВР.
При претресот кај докторот била пронајдена и друга медицинска документација. Полицијата дополнително ќе утврдува дали е поврзана со други постапки за стекнување на право за користење на инвалидски пензии. Обвинителството предложи мерка притвор.
Уапсениот офталмолог до 1-ви март годинава работеше на клиниката за очни болести, потoа продолжи да работи во приватна поликлиника. Беше експониран во лекарските протести на крајот на 2012-та годинa.
Андријана Атанасовска
