Црвенковски за „Дојче Веле“: Одлуката за бојкот целосно ја поддржувам

07.05.2014 17:09

Црвенковски смета дека СДСМ е во сериозна криза, една од најтешките од формирањето на партијата...

Поранешниот лидер на СДСМ силно го поддржува вонинституционалното дејствување на СДСМ, враќањето на мандатите и бојкотот на парламентот. Во интервју за Дојче Веле, Црвенковски вели дека отпорот пропаднал, не поради притисок од странците, кој постоел и кој за него не бил пресуден, туку поради внатрепартиско неединство.

Одлуката да не се признаат изборите и да се бојкотира парламентот, не е спорна и целосно ја подржувам. Но, со таа одлука се прогласи и пораз на концептот на конструктивност промовиран лани од СДСМ и се случи враќање на позициите на кои се наоѓавме пред прекинувањето на отпорот“, вели Црвенковски во интервјуто.

Црвенковски смета дека неговата идеја за продолжување на отпорот, бојкот на изборите и непризнавање на институциите се исправна стратегија за опозицијата и дека неговата партија направила грешка што ги прифатила измените во изборниот законик. 

Сметам дека опозицијата не требаше, а ни во иднина не треба да учествува на избори под вакви услови, организирани од ваква власт“, вели Црвенковски.

Црвенковски смета дека СДСМ е во сериозна криза, една од најтешките од формирањето на партијата. Дали раководството ја ужива довербата ќе се знае на Конгресот закажан за 11-ти. Сепак, за познавачите, каква одлука и да се донесат делегатите, тоа ќе биде одлука на поранешниот претседател Црвенковски, кој според експертите и натаму останува од позадина да ги менаџира партиските одлуки во СДСМ.

 

Анита Димитријевска