КСС на есен почнува со производство во Кичево
Инвестицијата првично ќе биде браунфилд, а потоа КСС треба да изградат и свој објект во Слободната економска зона во Кичево. Веќе бил одбран и објектот за првичното производство...

Американската компанија „Ки сејфти систем“ (КСС) од оваа есен треба да започне со производство на воздушни перничиња во својата фабрика во Кичево. Таа најавува 1.000 нови вработувања. Според првичните најави првите 100 луѓе во текот на месец мај или јуни треба да бидат пратени на обука во нивната фабрика во Романија. Инвестицијата првично ќе биде браунфилд, а потоа КСС треба да изградат и свој објект во Слободната економска зона во Кичево. Веќе бил одбран и објектот за првичното производство.
Менаџерскиот тим на КСС деновиве го посетил Кичево за да одбере локација за својата првична браунфилд инвестиција. Тие се двоумеле помеѓу две локации, Старите погони на Емо- Охрид и оваа хала на поранешен Кико текст. Најверојатно идното производство на КСС ќе започне тука, во оваа хала која се простира на 1.000 метри квадратни, но конечната одлука менаџерскиот тим треба да ја соопшти за неколку недели.
Кичевчани сметаат влезот на КСС ќе придонесе за значително намалување на невработеноста. Американците од КСС кои разговарале и со Стопанската комора барале исклучиво женска работна сила.
„Таа работна сила ќе биде носена во нивни погони на обука надвор од Македонија, најверојатно во Романија, и потоа ќе се вратат дома, каде освен тоа што ќе го започнат производството ќе имаат задача да обучуваат и други луѓе, така што првичната фаза на браунфилд инвестицијата се очекува да се вработат од 500 до 600 луѓе“, рече Игор Соколески, Претседател на регионална стопанска комора – Кичево.
Инаку во Слободната економска зона која се наоѓа на влезот на Кичево на патот за Прилеп веќе наголемо се гради инфраструктурата на зоната каде треба да никне и грин филд инвестицјјата на американската компанија.
Точно на ова место во 2015 година треба да никне новиот погон на КСС, во технолошко индстриската развојна зона во Кичево, каде денес наголемо се работи на изградба на нејзината инфраструктура. Според најавите на Американците погонот тука треба да се простира на 15.000 метри квадратни.
Се очекува влезот на овој познат светкис бренд да привлече и други инвеститори од ваков калибар кои ќе инвестираат во оваа зона.
„Една ваква компанија која произведува делови за над 300 модели, за околу 60 различни производители на автомобили во светот, е многу значајно за Кичево, како и за цела Македонија. Ние очекуваме дека покрај тие најавени 800 или 1.000 директни вработувања, дека оваа фабрика ќе донесе уште 200 или 300 индиректни вработувања во Кичево“, истакна Благоја Деспотоски, поранешен градоналник на Кичево и сегашен пратеник.
Освен изградбата на слободната економска зона како адут за приувлекувањето и на други странски инвеститори кичевчани ја гледаат во најавите за подобрувањето на патната инфраструктура и поврзувањето на овој регион со економските центри во македонија, како и оние во околните држави.
„Дополнителна придобивка ќе биде и автопатот кој ќе ги поврзува Охрид и Кичево меѓутоа и перспективно автопатот Кичево- Гостивар, тоа ќе биде дополнителна придобивка и за инвеститорите и за градот. На таков начин поблиску ќе биде е аеродромот, како и пристаништето во Драч, ќе има побрз проток на стока и патници“, изјави Ѓорѓија Сајкоски, заменик министер за локална самоуправа.
Од заборавен регион со уништена економија во транзицијата, Кичево полека но сигурно станува еден од позначајните економски центри во западна Македонија.
Дарко Штаргоски
