Мерки

Владата утре ќе ги замрзне цените на оризот и јајцата

20.03.2023 11:16

Mинистерот за економија Крешник Бектеши соопшти дека утре ќе се замрзнат цените на оризот и јајцата...

Владата утре ќе ги замрзне цените на оризот и јајцата, согласно цените кои биле претходно во текот на месецов, изјави денес министерот за економија, Крешник Бектеши. Не кажа конкретно на која цена ќе биде замрзнувањето, но извесно е дека тоа нема да биде денешната, туку од некој друг претходен ден во март.

„Како министерство имаме предлог цената на јајцата да биде една од цените од месец март, но не сакам јавно да ја кажам, затоа што можат одредени производители и трговци да се подготват. Ќе биде една од цените која била во март“, изјави министерот Бектеши на денешната прес-конференција во Владата.

Кај шеќерот и брашното нема да се интервенира со замрзнување, зашто веќе има намалување на цените на овие производи и тој тренд се очекува да продолжи. Во случај тоа да не се случи, кон крајот на неделата, ќе следат дополнителни одлуки.