Црна Гора

Ѓукановиќ и Милатовиќ во втор круг од претседателските избори

20.03.2023 11:37

Мило Ѓукановиќ, кандидат на ДПС и Јаков Милатовиќ, на движењето „Европа сега“, освоија најмногу гласови на претседателските избори во Црна Гора. Ќе се соочат во вториот изборен круг на 2-ри април. И, додека Ѓукановиќ очекува победа, Милатовиќ најави дека ќе го испрати во политичка пензија...

Досегашниот шеф на државата и кандидат на ДПС, Мило Ѓукановиќ и Јаков Милатовиќ, кандидат на движењето „Европа сега“, освоија најмногу гласови на претседателските избори во Црна Гора. Тие ќе се соочат во вториот изборен круг, на 2-ри април.

Според првичните резултати, Ѓукановиќ освоил 35,3 насто од гласовите, а Милатовиќ 28,9 насто.

„Сакам да го споделам моето задоволство од фактот што Црна Гора, уште еднаш го потврди својот многу добар демократски капацитет. Како што најавивме, изборите поминаа во апсолутно мирна атмосфера во која луѓето можеа слободно да ја изразат својата волја. Веќе ја најавив победата – затоа очекувам победа“, изјави црногорскиот претседател, Мило Ѓукановиќ.

„Ветив дека ќе успееме и успеавме. Ова е победа за оние кои го носеа факелот на слободата во црна гора во изминатите 30 години и им благодарам за тоа. Ова е заедничка победа за оние кои беа дискриминирани во претходните 30 години, чии деца ја напуштија црна гора гладни за леб, кои немаа правда, кои беа сиромашни. Ова е заедничка победа на убавата, подобрата, поправедната, порамноправната Црна Гора, нашата Црна Гора“, порача Јаков Милатовиќ, опозициски кандидат од партија „Европа сега“.

Андрија Мандиќ од Демократски фронт е трет со 19 отсто, а за Алекса Бечиќ од Демократска Црна Гора гласале 11,3 отсто.

Иако претседателството е главно церемонијално во Црна Гора, гласањето се смета за клучен показател за расположението на народот пред парламентарните избори закажани за 11-ти јуни.

Марина Ристова