Ковачевски на одбележување на 78-годишнината од основањето на Црвениот крст
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, присуствуваше и се обрати на одбележувањето на Денот на основањето на Црвениот крст на Република Северна Македонија, кој годинава одбележува 78 години од постоењето...

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, присуствуваше и се обрати на одбележувањето на Денот на основањето на Црвениот крст на Република Северна Македонија, кој годинава одбележува 78 години од постоењето.
Во рамките на одбележувањето на годишнината на Црвениот крст на Република Северна Македонија, се одржа и донаторска акција за собирање на помош за настраданите подрачја од катастрофалните земјотреси во Турција и Сирија.
На настанот присуствуваа и министри во Владата на Република Северна Македонија, пратеници, претставници на дипломатскиот кор, претставници на меѓународни организации, претставници на локалната самоуправа, претставници на компании, како и поддржувачи на Црвениот крст.
Целта на денешната донаторска акција беше да се обезбедат вкупно 1 милион евра, што и се постигна, со што се заокружи хуманитарната помош за Турција и Сирија, за чии настрадани подрачја досега се обезбедени над 960.000 евра, а доставена е и хуманитарна помош во материјални добра во вкупна вредност од над 91.000 евра.
„Седумдесет и осум години хуманитарност, солидарност, пожртвуваност, издржливост, ублажување на страдањето на луѓето и пружање рака секаде и секому. А, со истото несебично залагање за овие трајни вредности, посакувам Црвениот крст да продолжи уште многу, многу години“, порача премиерот Ковачевски, во неговото обраќање за време на одбележувањето на седумдесет и осум годишнината од основањето на Црвениот Крст на Република Северна Македонија.
Тој потсети на досегашната помош за настраданите подрачја, нагласувајќи дека Владата издвоила близу 100.000 евра помош за помош на настраданите во катастрофалниот земјотрес во Турција, при што, повеќе институции биле задолжени за испраќање тимови со соодветна опрема, на кои им изрази благодарност, стои во соопштението од Влада.
