Блокирани законите за покачување на платите во судството
Со над четири илјади амандмани блокирани четирите закони со кои се предвидува зголемување на платите на судиите, јавните обвинители, и на членовите на Судскиот и на Советот на јавните обвинители…

Законите од правосудната сфера, предложени во Собранието се во насока на реформи во судството и за зголемување на довербата во институциите, велат од СДСМ. Се разговара и со опозицијата да бидат прифатени во парламентот со цел да се зголеми финансиската независност на судската власт од влијанието на политичките и економските центри на моќ.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе над две илјади амандмани на четирите закони со кои се бара покачување на платите на судиите, јавните обвинители и судскиот и обвинителскиот совет. Од опозицијата велат дека во услови кога инфлацијата во државата е на алармантно ниво, кога стопанствениците едвај даваат плати на своите вработени, кога граѓаните едвај врзуваат крај со крај, Владата со очигледно стари навики, не отстапува од намерата да ги зголеми платите на судиите и обвинителите.
И Левица поднесе 2.400 амандмани. Сметаат дека со огромната недоверба на граѓаните кон корумпираниот судски систем, и претворање на правосудството во фамилијарна професија заробена во стегите на непотизмот, класните привилегии и кронизмот-платите на судиите се најмалиот проблем во реформата на судскиот систем, која треба според нив да биде радикална.
Игор Панов
