Грковска ги опомена министрите од ДУИ
Постојат слабости во правосудниот систем, потребни се резултати, вели вицепремиерката Грковска. Ги опомена Артан Груби, Османи и Нуредини. Очигледен е судирот на интереси, судските институции да не молчат, бара ВМРО-ДПМНЕ...

Првите луѓе на ЕУ, високиот претставник за надворешна политика Борел и еврокомесарот за проширување Вархеји, во Скопје, укажаа дека се потребни повеќе напори во борбата со корупцијата. Вицепремиерката за добро владеење, Грковска, признава дека постојат слабости во правносудскиот систем, за чиешто надминување е потребна подобра координација на институциите.
„За жал, најслабата карика ни е правосудниот систем и се надевам дека конечно дека сите пораки што ги добиваме и од меѓународниот фактор, меѓутоа и од сите граѓани во нашата држава, ќе допрат до правосудниот систем и ќе видиме драстична промена во односот и во начинот на којшто се справува правосудниот систем со борбата со корупцијата и организираниот криминал, затоа што тоа е она што граѓаните сакаат да го видат, правда и дека секој е еднаков пред законите. Најголемата улога ја има правосудството и очекувам сериозен исчекор во таа смисла“, изјави вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска.
Грковска порача дека функционерите треба да имаат повеќе сензибилитет во постапките и ги опомена министрите од ДУИ за користењето службени возила за партиски цели. Од ВМРО-ДПМНЕ, повторно обвинија за корупција во редовите на власта, посочувајќи дека вицепремиеророт Груби, на фирмата на братот исплатил милион евра од Министерството за политички систем.
Европските и американските дипломати во последно време отворено посочуваат дека земјава заостанува во борбата со корупцијата, по последните корупциски скандали и дека за напредок се потребни силни мерки за стравување.
Ирина Гелевска
